
За вработените во малопродажбата, супермаркетите, продавниците за храна и пијалаци, транспортот, службите за чистење, фризерските и козметичките салони, берберниците, обложувалниците, како и за одредени категории државни службеници, од денеска, во Грција е задолжителен селф тест, односно брз тест за ковид-19 за домашна употреба. Без потврда за негативен резултат, забрането е пристигнување на работното место, јави дописничката на МИА од Атина.
Брзите селф тестови, задолжително е да се спроведуваат еднаш седмично, од вчера се достапни и бесплатни за конкретните категории вработени, односно околу 900.000 лица, а предвидени се и парични казни за непочитување на новата мерка.
Резултатите од тестовите се пријавуваат на специјалната интернет платформа, од каде што ќе се вади и потврдата при негативен резултат, додека пак доколку е позитивен, вработениот ќе треба во рок од 24 часа одново да се тестира во здравствена институција.