ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Блинкен: Ќе продолжи поддршката на САД за членство во ЕУ

Стратешкиот дијалог дополнително ќе ја продлабочи соработката меѓу Северна Македонија и САД, оцени американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој во Вашингтон беше домаќин на македонската официјална делегација, предводена од шефот на дипломатијата Бујар Османи. На првите дискусии од Стратешкиот дијалог меѓу двете земји, кој започна вчера, фокусот беше ставен на соработката во економијата, инвестициите, безбедноста и јакнењето на демократија.

„Ја цениме значајната реформска агенда која Северна Македонија ја презема во демократијата, енергетиката, регионалните економски иницијативи – сите овие нешта се значајни, важни и многу ги поддржуваме. Подеднакво, силно ја поддржуваме евроинтеграцијата на Северна Македонија и многу сакаме да видиме исчекор, затоа ќе продолжиме да ве поддржуваме на овој пат на секој можен начин“, рече Блинкен.

Министерот Османи истакна дека овој дијалог е ново поглавје во односите меѓу Скопје и Вашингтон. Тој се заблагодари за политичката поддршка која пристигнува од САД, особено кога поради руската агресија во Украина, вредностите се ставени на тест.

„Благодарни сме за вашата поддршка во нашата аспирација за членство во ЕУ. Беше за нас круцијално што и вам ви е тоа стратешка цел, но исто и поради тоа што дадовте поддршка за нашето општество да ги исполни критериумите. Ќе продолжиме да работиме заедно за надминување на споровите што ги имаме, за да станеме членка на ЕУ“, рече Османи.

Во заедничкото соопштение на македонската Влада и американскиот Стејт департмент поздравена е улогата на земјава за регионалната стабилност, како и намерата на Македонија да стане дел од иницијативата „Три мориња“. Во однос на одбраната, САД очекуваат засилена соработка за време на претседавањето на Македонија со Јадранската повелба наредната година. Во соопштението се додава и дека засилено ќе се работи на енергетската независност и обновливи извори на енергија, како и намалување на трговските бариери, поради тоа што САД ја препознале земјава како пазар со висок потенцијал за раст.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button