Бојан Јовановски однесе кривични пријави против Заев, Русковска и други екс-функционери
Поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, сите поранешни генерални секретари на СДСМ меѓу кои и Оливер Спасовски, експремиерот и претседател Зоран Заев, се само дел од лицата против кои Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави. Тој образложи дека ова се само дел од кривичните пријави, за кои рече дека има докази и непосредни сознанија.
„Именувани директори, лица кои вршеле јавни функции, судии и обвинители, ексфункционери – сите беа дел од кривично-правната операција Бумеранг. Имавме прв распит пред предметен надлежен обвинител. Се работи за кривични дела за изборни нерегуларности и измами, незаконско финансирање на политичка партија, злоупотреба на јавни набавки и средства. Станува збор за повеќе дела за кои се поднесени кривични пријави“, рече Јовановски.
Тој посочува дека предал докази за криминали кои се јавна тајна во Македонија.