ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Ќе бараме анекс на договорот со Бугарија и ќе чекаме поразумна власт во Софија

Официјалните власти во Грција и Бугарија се во исчекување каков став ќе заземат новата претседателка Гордана Силјановска Давкова и новата Влада кај нас, во однос на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство. Засега и во двете соседни земји по ова прашање се гласни единствено главните опозициски партии. Делјан Пеевски, претседателот на бугарското „Движење за права и слободи“, реагираше на вчерашното интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој најави дека ќе бара Анекс на Договорот за добрососедство. Мицкоски, говорејќи за уставните измени, кажа дека ако актуелната власт во Софија не прифати анекс на Договорот, Скопје ќе чека да дојде некоја друга владејачка гарнитура во Бугарија која ќе била поразумна.

„Апсолутно недозволиви и неприфатливи се зборовите на партискиот лидер од нашата соседна земја дека ќе чека „поразумен премиер“. Нема оправдување Северна Македонија да се оттргне од нејзиниот евроатлантски пат. Сакам да му се обратам на господинот Мицкоски – нема да има бугарски премиер што ќе оди против интересите на Бугарија. Од вас се очекува коректно да го исполните Договорот потпишан со Бугарија“, вели Дељан Пеевски – претседател на ДПС.

Неофицијално, Грците ќе заземат став по инаугурацијата на Силјановска Давкова, која во Собранието треба да даде свечена изјава со што и официјално ќе стапи на функцијата. Таа во кампањата изјавуваше дека нема да го употребува терминот „Северна“ и дека тоа е нејзино лично право на самоопределување. Денеска, главната грчка опозициска партија Сириза го повика премиерот Киријакос Мицотакис остро да реагира при секое прекршување на договорот.

„Владата мора да го напушти овој пасивен став и веднаш, врз основа на одредбите од Договорот и со мобилизирање на сите достапни дипломатски средства на меѓународно и европско ниво, со строгост, да се соочи со секоја употреба на термини или постапки од новата претседателка и членовите на новата Влада на Северна Македонија кои го прекршуваат Договорот од Преспа – особено уставното име. Потсетуваме дека овие средства вклучуваат и замрзнување на интегративната перспектива на соседната земја“, велат од СИРИЗА.

Договорот за добрососедство и Преспанскиот договор се споменати во пакет документите на Францускиот предлог и соодветно Брисел очекува од земјава доследно да ги спроведува.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button