ВЕСТИСВЕТ

Борел: Да се почитува Меѓународниот суд, да не се заплашуваат судиите

Некои европски земји се обидуваат да ги заплашат судиите на Меѓународниот кривичен суд, истакна шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел. Без да прецизира за кои држави станува збор, тој нагласи дека заплашувањата се поврзани со случајот против израелските лидери. Борел повика да не се влијае на судиите и да се почитува судот. Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, во понеделникот побара да се уапсат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант, како и тројца лидери на Хамас, поради воени злосторства.

„Обвинителот го направи тоа што му е должност – обвинение, а судот понатаму ќе одлучува. Во меѓувреме, ги молам сите, почнувајќи од израелската влада и некои европски влади, да не ги заплашуваат судиите. Не заканувајте им се, не обидувајте се да влијаете на нивната одлука, понекогаш со закани и многу груби дисквалификации“, рече Борел.

Претходно, САД, Велика Британија, Чешка, Австрија, Унгарија и други изразија несогласување со одлуката на Меѓународниот кривичен суд, но од друга страна Норвешка, Франција, Белгија и Словенија бараат стриктно спроведување на наредбата и апсење на Нетанјаху. Дополнително, три европски држави, Ирска, Шпанија и Норвешка веќе решија да ја признаат Палестина како држава, а таков потег најави и Полска. Борел, во интервју за шпански медиум, потврди дека ваквиот пример ќе го следат и други европски земји и ги отфрли обвинувањата на Израел дека станува збор за антисемитски потег и претставува подарок за Хамас.

„Сите Палестинци не се дел од Хамас. Признавањето на палестинската држава не е подарок за Хамас, напротив. Палестинските власти не се Хамас и тие се длабоко во конфликт. ЕУ веќе ги има финансирано палестинските власти, а секогаш кога некоја земја ќе донесе одлука да ја поддржи палестинската држава, Израел тоа го прогласува за антисемитски напад“, рече Борел.

Претходно и од американскиот Стејт департмент соопштија дека државата Палестина треба да се формира, но преку преговори, а не со еднострани признавања.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button