ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Борел: Уставни измени за интеграција во ЕУ

Уставните измени и патот кон зачленување во Унијата беа во фокусот на посетата на високите претставници на ЕУ, Жозеп Борел и Оливер Вархеји. Борел од Скопје порача да се унапредуваат добрососедските односи, што подразбира и вклучување на различните заедници во Уставот. Според него, оваа година е круцијална во преговарачкиот процес.

Advertisements

„Јулскиот договор беше најдобриот договор што можевте да го имате. Не е реално да верувате дека може да биде повторно отворен за нови преговори. Врз основа на тој договор иднината ви е во ЕУ и сега е време сите политички партии да ја преземат својата одговорност“, рече Борел.

Премиерот Димитар Ковачевски информира дека наскоро работна група ќе започне да работи на текстот на уставните измени. Според него, Собранието има капацитет и визија за усвојување на потребните одлуки за продолжување на преговарачкиот процес.

„На опозицијата е да размислува стратешки и она што декларативно го кажува да го спроведе и во практика“, рече Ковачевски.

Борел и Вархеји сепак не го изоставија фактот дека се потребни голем број на реформи во правосудството, борбата против корупција и особено воспоставување непристрасност на судските органи. Според еврокомесарот Вархеји за реформите е потребно национално единство, односно да учествуваат и власта и опозицијата и граѓанското општество. Вархеји порача да се забрза реформската агенда од која ќе зависи и датумот за зачленување.

„Вие кажавте 2030 година, но тоа не можам да ви го кажам. Може да биде и порано, може да биде и подоцна. Сè зависи од тоа колку реформи ќе испорачате“, рече Вархеји.

Двајцата истакнаа дека ЕУ ќе ѝ помага на земјава за надминување на предизвиците и најавија нови ЕУ-средства, овојпат во јакнење на капацитетите за борба против хибридните закани. Според нив, вратата за зачленување во Унијата е отворена. Борел и Вархеји денеска во Владата претседаваа со 16-тиот Совет за асоцијација и стабилизација, по што утре заминуваат за Охрид на средбата на челниците на Косово и Србија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button