ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бриселски извештај: Координирани напади на дезинформации се реалност

Бриселски извештај: Координирани напади на дезинформации се реалност

Држави, политичари, медиуми, па и организации се цели на дезинформациите и странското влијание, се посочува во најновиот Извештај на европските институции посветен на манипулациите и лажните информации. Според Извештајот од Брисел, во 2023 година странските актери продолжиле со нивните стратешки и координирани обиди да манипулираат со факти, за да создадат поделеност, страв и омраза во општествата. „Најочигледен пример е Русија – таа се обидува да ја оправда својата агресија во Украина, но и други актери, како што е Кина, исто така се вклучува во манипулацијата“, се наведува во анализата. Сите овие манипулации целат кон создавање недоверба во демократските институции во западните општества, а според ЕУ, предизвикот ќе биде уште поголем во претстојниот изборен период. Комуниколот Бојан Кордалов вели дека од овие процеси не се поштедени ниту регионот и Македонија.

„Овие процеси не се повратни. Ако западнеме во ера на несигурност, на влијанија и на судири и едноставно се поколебаме на оној пат којшто ни треба и по којшто сме тргнале многу одамна, нема да биде корисно за никого. Не само за државата во целина, туку и за секој човек. На крајот на краиштата, каде нас ни се иселуваат младите? Одат во Европската Унија, во САД, во земјите од Западот. Тоа значи дека сакале ние да си признаеме или не, нашата иднина ни ја диктираат таа иднина дека ни е на Запад“, рече Бојан Кордалов – комуниколог.

Кордалов додава дека во оваа борба е неопходно најпрвин дезинформациите да е можно да се препознаат. Во согласност со препораките од Извештајот, тој потенцира дека е важно да се следат проверувачите на факти и да се воспостави програма во образовниот систем.

„Секоја негативна пракса, секое изложување на негативно влијание, на крајот на краиштата, доаѓа до нас. Тоа не значи проблем или забрана за слобода на мислењето. Меѓутоа, водењето пропаганда со нешто што е штетно за здравјето на луѓето, за демократијата, за иднината на земјата и на секој човек е навистина проблем. Едно е вие да имате ваш став, сосема друго е да правите пропаганда, којашто може да не втурне во војна“, додаде Бојан Кордалов – комуниколог.

Иако се наведува дека се уште во хибридните напади, како канали најчесто се користат социјалните мрежи, овојпат ЕУ за првпат ја споменува и вештачката интелигенција. Според Кордалов, нужно е во користењето на вештачката интелигенција да се воспостават стандарди и критериуми за, како што вели, да не се разбудиме во свет во којшто не би знаеле што е вистина, а што е создадена вистина./Алсат.мк

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button