ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Брзи кредити – легално лихварство

Брзи кредити на секој чекор никнуваат како печурки. На некои места што ги посетивме во главниот град, ни понудија заем до 20 илјади денари кои потоа треба да се вратат во три рати во вкупна сума од 26 илјади. Највисокиот достапен кредит е 150 илјади денари. За него на 6 рати ќе треба да се вратат 230 илјади, односно 80 илјади денари повеќе. Граѓаните велат дека станува збор за лихварство легализирано од државата.

„Да даде Бог да заработуваме сами и да немаме потреба од вакви кредити. Треба да работиш во две смени и има леб. Со 3-4 часа работа, да барате многу пари, така нема. Можеби некој има мака и си вели да земе таков кредит. Јас не би му посакал на никој таков кредит…“

„Не е добро затоа што каматните стапки се превисоки. Таму каде што има сиромаштија го има ова. За еден месец ви велат 5 илјади добивате, 5 илјади враќате. Кога треба да се вратат ви земаат 6 илјади. Мака имаме. Со платата не се стигнува“, реагираат граѓаните.

Кредитирањето на физички лица од страна на финансиски друштва е регулирано со Законот за потрошувачки кредити од 2008 година.
Според Законот за финансиски друштва пак, овие бизниси се регистрирани со основен капитал помал од 100 илјади евра.

„Имаме техничка помош од Меѓународниот монетарен фонд и Министерството за финансии на САД, тимови кои работат на унапредување на законодавството и надзорот. Запознаени сме со сите детали“, вели Фатмир Бесими, министер за финансии.

Министерството за финансии, освен со надзор на финансиските друштва, постапува и по жалбите од граѓаните. Минатата година биле извршени 16 инспекции, при што биле изречени неколку санкции и кривични мерки. Во 2022 година биле изречени 13 парични казни и 22 наредби за коригирање на нерегуларностите.

„Во 2022 година се склучени вкупно 315.654 договори за кредит, од кои 315.287 се договори за кредит со физички лица, а 367 се договори за кредит со правни лица. Вредноста на договорите за кредит склучени во 2022 година изнесува 10 милијарди денари, од кои 9 милијарди денари се со физички лица, а една милијарда и 100 милиони денари со правни лица“, наведуваат од Министерството за финансии.

Министерството за финансии соопшти дека подготвило измени на законот за заштита на граѓаните кои користат микрокредити. Целта е да се заштитат граѓаните од прекумерните трошоци и неправедните практики. Ќе се ограничат трошоците кои не се вклучени во годишната стапка на вкупни трошоци, а граѓаните однапред ќе знаат кои се максималните трошоци што ќе може да ги наплати финансиската компанија.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button