ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Буџетот за 2024 на пленарна седница

Раст на платите и намалување на бројот на невработени очекува министерот за финансии Фатмир Бесими, со буџетот за 2024 година. Предлогот на Владата кој тежи рекордни 5,5 милијарди евра денеска започна да се дискутира на пленарна седница во Собранието. Според Бесими, наредната година растот на цените, односно инфлацијата, се очекува да изнесува 3,6%, а тој ги откри и проекции за растот на економсијата.

Advertisements

„Во однос на макроекономските проекции овој предлог-буџет пред вас предвидува раст на економијата за 3,4%. Придонес кон овој раст се должи на бруто инвестициите кои се проектираат на раст од 4,8% во наредната година, а исто така ќе има раст на домашната потрошувачка“, рече Бесими.

Од опозицијата пак обвинија дека станува збор за мегаломански буџет кој ќе придонесе јавниот долг да расте. Со него, како што велат, предвидениот раст на плати единствено би бил можен со нови партиски вработувања.

„Овој буџет е највисок во историјата, базиран е на нереални проекции, инфлаторен, предизборен, којшто ќе служи само за дополнително обогатување на одредени елити, а нема да служи за збогатување на државните ресурси и на граѓаните“, рече Бојан Стојановски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата на 18 декември го утврди текстот на предлог-буџетот и во него се вградија прифатените амандмани, по дискусиите во матичните комисии. Во текот на амандманската расправа, прифатени беа три амандмани од вкупно поднесените 272, еден на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и два на владејачката СДСМ. Расправата на пленарна седница може да трае максимум пет дена.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button