ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бугарија бара итни промени во нашите учебници

Во Скопје нема подготвеност за промени, оценува копретседателот на Мешовитата историска комисија од бугарска страна, Ангел Димитров. Според него, на последниот состанок од минатата недела во земјава, повторно не се случило ништо. На средбата беа разгледувани средновековните црковни институции и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

„Немаше некакви посебни тензии во разговорите меѓу нас, но многу добро и пресметано ја забележав вознемиреноста кај дел од колегите. Некои од нив сосема отворено кажаа дека се подложени на закани и притисок ако нешто сменат во своите ставови. Се разбира, тоа и значи дека се подготвени тоа да го прават, туку зборувам за атмосферата во општеството“, рече Димитров.

Копретседателот на комисијата од македонска страна, Драги Георгиев за дел од медиумите во земјава рече дека нема да ги коментира, како што рече, ваквите политички изјави на Димитров. Последно, историчарите од македонска страна беа мета на жестоки критики во нашата јавност во август, по објавувањето на усогласените препораки за заедничко чествување на пет историски личности и за промени во учебниците кои се однесуваат на античкиот период. Димитров вели дека Македонија треба да ги имплементира препораките и да пристапи кон сериозни промени во учебниците.

„Би требало тоа да се случи веднаш. Зашто има две варијанти. Еден учебник не се менува од денеска за утре, но можат да се прават дополнувања на учебниците, без да се печатат наново. Постојат такви технички можности“, вели Димитров.

Властите последно информираа дека препораките на историчарите се усвоени на владина седница, а понатаму процесот продолжува во Министерството за образование и Бирото за развој на образованието. Според појаснувањето, последниот збор сепак ќе го имаат авторите на конкретниот учебник.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button