ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Документот од АРМ за премиерот Ковачевски бил „воена тајна“

Министерството за одбрана ќе покрене постапка за објавениот документ од Регистарот на АРМ, кој вчера се споделуваше на социјалните мрежи, откако претходно ВМРО-ДПМНЕ обвини дека премиерот Димитар Ковачевски неосновано дезертирал. Од Министерството велат дека документот е со класифицирана содржина и ќе бараат одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување.

„Документот кој е објавен на социјалните медиуми и презентиран од политичка партија, по првичната проверка претставува документ кој во документација на Министерството за одбрана и Армијата првично е заведен како документ со печат „воена тајна“, а подоцна по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација „строго доверливо“, наведуваа од Министерството за одбрана.

Од Министерството повикаа политичките партии и поединците, во обид да придобијат политички поени, да не поттикнуваат извршување кривични дела.

Од друга страна, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, денеска продолжи со обвинувањата на адреса на премиерот и побара негова оставка.

„Дека премиерот дезертер Ковачевски е неспособен потврдија и од Министерството за одбрана, кои го потврдија документот објавен на социјалните мрежи, од кој јасно се чита дека премиерот е трајно неспособен“, рече Ковачки.

Социјалдемократите вратија со иста мера – дека дезертер всушност бил Ковачки.

„Мицкоски го одбрал Ковачки за пласирање на невистини и манипулации… Единствен воен дезертер на политичката сцена е Драган Ковачки. Ковачки беше полковник во АРМ, но политички дезертираше и ја напушти Армијата за да му слугува на Мицкоски како пратеник…“, наведуваат од СДСМ.

Инаку, по вчерашните обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Ковачевски одговори дека здравствениот статус кој му бил даден бил резултат на хируршка интервенција од пред 20 години.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button