ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бугарија спремна да дозволи прелет на Лавров кон Скопје

Сè поверојатно е дека Малта ќе биде наредниот претседавач со ОБСЕ, односно од први јануари 2024 година. Шефот на дипломатијата Бујар Османи информира дека денеска во Виена биле донесени значајни одлуки кои го отвориле патот за постигнување консензус за нов претседавач со организацијата откако на Македонија на крајот на годинава ќе ѝ истече едногодишниот мандат. Претходно, пречка беше руското вето за кандидатурата на Естонија. Османи на социјалните мрежи додаде дека одлуката за претседавањето на Малта формално би била донесена на претстојниот состанок на ОБСЕ во Скопје неделава.

„Знаете дека Естонија е официјален кандидат. Познато е и дека постојат земји кои се против кандидатурата. Кандидатура на Малта беше предложена за функцијата претседавач со ОБСЕ како алтернатива. Мислам дека сме добро подготвени за ова“, вели Роберт Абела – премиер на Малта.

Во меѓувреме, од Европската Комисија повикаа земјите-членки на ЕУ да дозволат прелет на рускиот државен авион и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да слета во Скопје. Според Брисел, тоа не би претставувало кршење на санкциите на ЕУ, зашто станува збор за важен настан од мултилатерален карактер. Од друга страна, Лавров потврди дека е можно да прелета над Бугарија.

„Би било во ред земјите да дадат дозвола авионот на Руската федерација да прелета над нивната територија и властите во Северна Македонија да дозволат слетување и учество на Лавров во живо во Македонија. Тоа не би претставувало прекршување на санкциите“, рече Петер Стано – портпарол на ЕК.

„Македонија нè покани да присуствуваме на состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ. Бугарија наводно ѝ ветила на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор. Ако го направи тоа, ние ќе бидеме таму“, рече Лавров.

Портпаролот на Европската Комисија, Петер Стано кажа дека е добро што Лавров би имал прилика во живо да ги чуе европските ставови за, како што рече, руското деструктивно однесување.

„Секогаш е добро да се учествува за лице во лице да се конфронтираме со Лавров за нелегалните активности на режимот на Кремљ и за лагите што ги шири. Секој меѓународен форум на кој можеме да зборуваме лице во лице, да ги искажеме нашите ставови и да ги конфронтираме со нивното незаконско однесување, лаги и манипулации, секако е добро, зашто е дел од нашиот пристап кон конфликтот што Русија го предизвика во Украина“, додаде Стано.

Стано најави дека е можно на состанокот во Скопје да присуствува и потпретседателот на Комисијата, Жозеп Борел. Состанокот започнува со неформална вечера во среда вечер, а официјалниот дел е во четврток и петок.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button