ВЕСТИРЕГИОН

Бугарија „вознемирена“ од чекорите на македонската опозиција

„Спорни прашања меѓу двете земји сè уште има, но сега имаме механизам за нивно решавање, а тоа е францускиот предлог“, вели бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков. Коментирајќи ги односите со Скопје, тој рече дека има изгледи за подобрување на билатералните односи, што се однесува на соработката со Владата, но не и со опозицијата. Според Милков, однесувањето на опозицијата во Македонија создава вознемиреност.

„Многу би сакале во Република Северна Македонија да се формира еден национален консензус, зашто ние не можеме да разговараме и да сметаме единствено на една политичка партија. На нас ни е потребно да зборуваме како држава со држава“, рече Милков.

Шефот на бугарската дипломатија вели дека во општеството во земјава се покренува лажна дилема – зачленување во Европската Унија или идентитетот. Милков вели дека процесот на зачленување не е таков, но сепак порача да се направи преоцена на, како што вели, лажните парадигми во историскиот процес.

„Зачленувањето во ЕУ е поврзано со преоцена на минатото, со преоцена на редица пропагандни клишеа и секоја држава пред да се зачлени треба да се раздели со дел од тие лажни парадигми со кои е третиран историскиот процес. Така што, таа катарза ќе треба да се изживее и таму“, додава Милков.

Вчера од бугарското Министерство за надворешни работи го поздравија објавувањето на препораките што беа усогласени во Мешовитата историска комисија. Токму по објавувањето на препораките, историчарите од македонска страна беа мета на критики кај домашната јавност, по што тие реагираа. Според историчарите, во критиките доминирале клевети и манипулации за ненаучност и предавство без притоа да се понудат аргументи за тоа. Тие велат дека се употребува празна и исполитизирана реторика за наводна бугаризација на Македонија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button