ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бугарскиот премиер со честитка до Ковачевски, а утре доаѓа во Скопје

Брзи резултати очекува бугарскиот премиер Кирил Петков со новиот пристап во разговорите со Скопје. Тој во интервју за „360 степени“ на Алсат додаде дека е време Скопје и Софија заедно да си ги решат отворените прашања без посредници. Петков, истакнувајќи дека има решение за секој проблем, повтори дека една од најважните теми е правата на македонските Бугари.

„Ние настојуваме да сме сигурни, а мислам дека тоа е добро и за Северна Македонија и за Бугарија, дека сите права на Бугарите во Македонија, како и на другите групи, се на исто рамниште и тоа во рамки на законот“, рече Петков.

Петков денеска му го честита изборот на Димитар Ковачевски, нагласувајќи дека утре очекува конструктивен дијалог. На првиот ден од должноста пак, Ковачевски повтори дека е рационален оптимист за решение. Прашан за изјавата на Петков викендов дека не постои македонско малцинство во Бугарија, Ковачевски одговори:

„Ние исто така сме држава којашто кажала во однос на сите свои соседи дека нема да се меша во нивните внатрешни прашања. Ние имаме различно уредување од Република Бугарија. Колективните права кај нив се обезбедуваат поединечно, а кај нас со оглед на мултиетничкиот карактер на нашата држава, колективните права се остваруваат колективно“, рече Ковачевски.

Ковачевски се надева дека темите за коишто ќе зборува со Петков, како економија, инфраструктура и образование, ќе ги надвладеат историските прашања.

Инаку, засега ниту Скопје ниту Софија не зборуваат за рок за решение.

„Не мислам дека е корисно ниту за граѓаните, ниту за процесот да се спомнуваат временски рамки, затоа што тоа досега не ни донесе успех, но исто така тоа не значи дека треба и да нема некоја динамика на функционирање“, изјави Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања.

Како нов вицепремиер за европски прашања, Маричиќ денеска како прв гостин ја пречека германската министерка за Европа, Ана Лирман. Официјален Берлин би сакал пристапните преговори меѓу Македонија и ЕУ што поскоро да започнат.

„За нас и понатаму е важно билатералните прашања да бидат билатерално решавани и тоа независно од пристапниот процес со ЕУ“, рече Лирман.

Како што соопштија од Владата и американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз, денеска се сретнала со Ковачевски. Порачала дека Вашингтон е заинтересиран во земјава да продолжат проекти кои би овозможиле нејзина енергетска независност и да има пробив во евроинтеграцијата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button