ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бугарските клубови треба да ги сменат имињата во рок од три месеци

Собранието ги усвои измените во Законот за здруженија. „За“ гласаа 67 пратеници и од власта и од опозицијата. Овие измени следуваат по отворањето на бугарските културни клубови во Битола и Охрид, со имиња на конторверзни личности од минатото, поврзани со фашизмот – „Иван Михајлов“ и „Цар Борис III“.

Отсега, посебно формирана Комисија во Министерството за правда ќе одлучува дали називот на здружението е прифатлив или не.

„Денеска ќе донесеме еден мал и навидум незначителен закон, којшто всушност ќе биде употребен за да го заштити антифашистичкото минато и историската вистина на нашата земја“, рече Рашела Мизрахи – ВМРО-ДПМНЕ.

„После се она што се случуваше последните денови исклучително важно е да се оградиме од таквите случувања, да не дозволиме да ни се формираат такви здруженија во државата и ова е начинот како практично да се стави браната“, рече Соња Мираковска – НСДП.

Измените ги опфаќаат и веќе формираните здруженија, кои треба да ги променат називите – во спротивно министерот за правда е задолжен да ги избрише од Централниот регистар.

„Организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување, регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации, се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име или назив, цели и дејности, согласно со одредбите од овој закон, пред Централниот регистар“, се наведува во измените на Законот за здруженија.

Министерот Бујар Османи неодамна изјави дека не би сакал измените да важат ретроактивно и да ги опфатат веќе отворените културни клубови, а од бугарското МНР претходно оценија дека со предложените измени, Скопје ја прекршува Европската конвенција за човекови права и правото на здружување.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button