ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Бугарско МНР: Дебатите во Скопје се „за“ или „против“ членство во ЕУ

Софија ги регистрира критиките во македонската јавност на бугарска адреса, но засега нема да реагира за говор на омраза. Експертот од бугарското МНР, Жељазко Радуков, оцени дека, по објавувањето на Протоколот меѓу двете земји и препораките на историчарите, во јавната дебата во Македонија се користат многу аргументи и псевдо-аргументи. Според него, дебатата се одвива меѓу две сили кои се позиционираат во општеството – оние кои се за членство во Унијата и сакаат добрососедски односи и оние кои се против ЕУ и европските вредности.

„Коментарите кои беа упатени по објавувањето на Протоколот и препораките на Историската комисија се од лица кои не се во раководството на Република Северна Македонија и се насочени во внатрешно-политички контекст. Ние внимателно го следиме ова прашање и ќе решиме дали и кога ќе реагираме, но не и во оваа етапа. Треба да им дадеме време на нашите пријатели од Република Северна Македонија да си ја разрешат дебатата – ќе влегуваме во Европската Унија или не?“, рече Жељазко Радуков – главен експерт во МНР на Бугарија.

Радуков истакна дека со Протоколот потпишан минатиот месец меѓу Бујар Османи и Теодора Генчовска започнал процес на враќање на довербата. Тој очекува овој процес да биде бавен, но вели дека првите чекори се охрабрувачки и двете земји засега ги исполнуваат преземените обврски.
Заменикот-министер за надворешни работи на Бугарија, Костадин Коџабашев откри дека согласно Протоколот, веќе се работи и на подготовка на календар за заедничко чествување на петте историски личности, за кои Мешовитата комисија постигна согласност.

„Министерството за надворешни работи ја поздравува досегашната работа на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања и ја охрабрува да продолжи уште поинтензивно во своите напори, со цел завршување, колку што се може поскоро, на работата за сите периоди од нашата заедничка историја“, рече Костадин Коџабашев – заменик-министер за надворешни работи на Бугарија.

Домашните власти пак, претходно информираа дека во МНР веќе се формирани работни групи чија задача е исполнување на договореното од билатералниот протокол.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button