ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Стопанството страда од скапата струја, помош од Владата или клуч на врата

Сметките за струја на компаниите се повисоки за 20 отсто во однос на минатиот месец, а на годишно ниво трошоците им надминале дури за 500 проценти. Од Организацијата на работодавачи за Алсат велат дека континуираниот раст на цената на електричната енергија им ја намалува ликвидноста и во прашање го доведува опстанокот на добар дел од помалите компании. Бизнисмените стравуваат дека сметките за струја кои ќе ги добијат во екот на грејната сезона ќе бидат кобни.

„Многу пострашно е размислувањето на компаниите што ќе се случува од есен кога ќе имаме зголемена потрошувачка на електрична енергија, како за греење на просториите, за дополнително осветлување. Повеќето од компаниите размислуваат дали зимава ќе треба да ги затворат своите капацитети и вработените да бидат на товар на државата. Доколку Владата не смогне сили да помогне на компаниите, ситуацијата ќе биде алармантна“, рече Владанка Трајковска претседателка на Организација на работодавачи.

Од Стопанската комора посочуваат дека доколку на слободниот пазар на струја остане актуелната цена или ако таа продолжи да расте зимата, Владата ќе треба да размисли за директна буџетска поддршка и за компаниите и за домаќинствата.

„Бизнисот укажува дека треба да се мисли и на економијата бидејќи ако не се исплатат плати на работниците, ќе се изгубат работни места. Доколку цената на струјата на HUPEX берзата која сега изнесува 500 евра за мегават час продолжи да расте, а најавите се дека до крајот на годината може да достигне и 1.000 евра, компаниите размислуваат за намалување на бројот на работници до целосно затворање на капацитетите“, наведуваат од Стопанската комора.

Бизнисмените предупредуваат дека доколку и натаму немаат финансиска помош од државата, македонската економија ќе стане неконкурентна во однос на земјите во окружувањето, бидејќи околните влади веќе им дале парична помош на тамошните претпријатија.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button