ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бујар Османи: „Одбивањето на предлогот ќе доведе до меѓуетнички тензии“

Бујар Османи: „Одбивањето на предлогот ќе доведе до меѓуетнички тензии“

Претседателот Стево Пендаровски за утре напладне го свика Советот за безбедност, на кој ќе се разгледува модифицираниот француски предлог за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската унија.

Советот за безбедност се состанува откако вчера Министерството за надворешни работи ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на Париз, со што продолжува најавениот широк консултативен процес.

Според шефот на дипломатијата Бујар Османи, евентуалното одбивање на предлогот ќе означува „заглавување во балканската кал“ и губење на евро-перспективата засекогаш. Тој порача дека е потребна државничка одлука.

„Ќе почнат тука тензии меѓуетнички, ќе почнат тензии меѓу различните категории граѓани, ќе ја имаме најтешката година оваа зима, со енергијата, со храната, заради глобалната криза и во услови кога светот е во војна ние да зборуваме со лажни интерпретации дека некој ќе нè бугаризирал, кога од нас зависи. Никој нас не може да нè натера да прифатиме нешто, во никоја форма, за било што. Мислам ќе биде неодговорно и е срамно за вакви прашања да се води партиска политика за да некој стане министер или премиер“, рече Бујар Османи – министер за надворешни работи.

Османи додава дека има позитивен впечаток кон прифаќање на предлогот по вчерашната средба на коалициските партнери во Владата и очекува наскоро лидерите на партиите повторно да се состанат и да ги соопштат официјалните ставови, откако ќе се произнесат нивните партиски органи.

Министерот истакна дека ќе се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери за да ги чуе неговите мислења како евентуално Собранието ќе го разгледува францускиот предлог, односно дали на пленарна седница или пак во комисиите за надворешна политика или европски прашања.

Според најавите, покрај ставот од претседателот, Собранието и граѓанскиот сектор во однос на францускиот предлог, Владата ќе бара да се произнесе и опозицијата.

На вчерашниот брифинг, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека ќе побара средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но засега најава за таква средба нема.

Инаку, согласно процедурите и надлежностите, Владата сама може да донесе одлука дали за Македонија е прифатлива преговарачката рамка предложена од Брисел./Alsat.mk

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button