МАКЕДОНИЈА

Бурни реакции за скандалозната седница на Судскиот совет

Претседателот Стево Пендаровски смета дека случувањата во Советот се недолични. Тој ако предлагач на Весна Дамева за член на ова тело, смета дека постапките на членовите за време на седницата на 26 април дополнително влијаат на намалување на довербата во судскиот систем.

„Се случуваа сцени кои не му доликуваат на телото кое има многу одговорна улога, со оглед на надлежностите кои ги има во изборот и разрешување на судии и оценување на работата на судиите, грижата за угледот на судството како клучен фактор за довербата на граѓаните кон судството“ , вели Пендаровски.

Министерот за правда, Кренар Лога, го побара записникот од седницата на 26-ти април за да добие повеќе информации за случувањата. Како член без право на глас, Лога не беше присутен на седницата на Судскиот совет на 26 април.

„За добивање повеќе информации, Министерството за правда упати барање до Судскиот совет да го добие за разгледување записникот од 438-та седница, како и усвоениот дневен ред“, рече Лога.
Комисијата за спречување на корупцијата изразува загриженост за настаните, истакнувајќи дека членовите треба да се потсетат дека постојат законски одредби против спречување на корупцијата и судир на интереси.

„Комисијата за спречување на корупцијата изразува сериозна загриженост за случувањата на седницата на Судскиот совет. Ги потсетуваме оние кои се на тие позиции дека треба да се почитуваат законските одредби и да се заштити интегритетот во согласност со Законот за спречување на корупцијата“, наведуваат од Комисијата за спречување на корупцијата.

Коалицијата „Сите за правично судење“ смета дека вчерашната одлука е спротивна на сите закони и подзаконски акти со кои се регулира дејноста на Судскиот совет.

„Весна Дамева не може да бидеразрешена од функцијата претседател без да биде разрешена од функцијата член на советот. Не е почитувана постапката во која еден член може да биде ставен под дисциплинска одговорност, вклучувајќи го и претседателот на Судскиот совет. Одлуката беше донесена без потребното мнозинство, наместо 8 гласа, одлуката ја изгласаа 7 членови, при што еден од овие гласови беше на членот кој ја иницираше иницијативата за разрешување“, наведуваат од Коалицијата за правично судење.

На одлуката на Судскиот совет реагираше и групата “Блупринт“ за судски реформи, кои сметаат дека одлуката за разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател не е изгласана со потребниот број членови и дека оваа состојба е последица на немањето јасни законски одредби кои мора да се регулираат за да не се повторат ваквите сцени.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button