ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Чешка, Словачка и Словенија оптимисти за ЕУ преговори, Радев со студен туш

Mefail Ismaili

Амбасадорите на некои од земјите од ЕУ се оптимисти дека Брисел може да донесе позитивна одлука за С. Македонија месецови. Словенечкиот амбасадор Милан Предан оценува дека е можна позитивна одлука која би се формализирала во јануари доколку наскоро се формира нова Влада во Бугарија.

„Сè уште сме оптимисти, но мора да признаеме дека во Бугарија сè уште нема влада, но и овде нема јасно парламентарно мнозинство. За да се постигне решение, двете земји мора да бидат поактивни…“

Чешкиот амбасадор, чија земја треба да го преземе претседавањето со ЕУ во втората половина на следната година, најави дека проширувањето ќе им биде приоритет.

„Ќе го преземеме претседавањето во јули. Но, ние би сакале повеќе да се фокусираме на други прашања, отколку на одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија затоа што сакаме тоа да се случи што е можно поскоро.“

Амбасадорот на Словачка оцени дека проширувањето на ЕУ се одложува поради реформите и новата методологија што ги бараше францускиот претседател Емануел Макрон.

„Во иднина ќе видиме дали новата методологија ќе биде ефективен инструмент, но сметавме дека во октомври 2019 година требаше да се донесе одлука за отворање на преговорите, а новата методологија да се спроведува паралелно. Тоа беше голема грешка и денес ги гледаме лошите последици од тоа.“

Ваквиот оптимизам на дел од амбасадорите го згасна бугарскиот претседател Румен Радев. На средбата во Стразбур со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, Радев ја повика Македонија да покаже европска зрелост.

„Нашиот југозападен сосед мора да покаже европска зрелост и почитување на вредностите на ЕУ, преземајќи конкретни активности за забрана на говорот на омраза против Бугарија во историските книги, државните и научните институции, јавните медиуми, да престане со фалсификувањето на културното и историското наследство на Бугарија, а особено да ги почитува правата на своите граѓани кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.“

 Бугарија во повеќе наврати тврдеше дека не го оспорува македонскиот идентитет и јазик, но бара од функционерите на С. Македонија да признаат дека тоа е нов јазик и идентитет создаден по 1945 година и оти пред овој период Македонците имале бугарско потекло. Софија исто така бара Македонија во Уставот да наведе дека има и бугарска заедница.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button