ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ново бугарско вештачење за трагедијата на автобусот на „Беса Транс“

Adnan Qaili

Банкините кај одморалиштето на автопатот „Струма“ каде што се случи трагедијата со автобусот на Беса Транс биле погрешно поставени, стои во новото бугарско вештачење. Тамошниот Институт за безбедност на патиштата овласти меѓународен ревизор да изврши независно вештачење на состојбата на патот каде што загинаа 45 лица, а 7 беа повредени. Извештајот е доставен до софиското обвинителство, а во него се истакнуваат и нови детали кои можат да помогнат во истрагата.

„Од извршениот увид констатирано е дека заштитните банкини на коловозот не биле поставени според стандардите. Во зоната на несреќата се случиле многу несреќи, при што биле оштетени заштитните огради. Приклучокот на заштитната ограда бил неправилно монтиран со две наместо со четири завртки, како што требало. Ова е причината поради која заштитната ограда можеби се скинала и покрај малата брзина со која удрил автобусот. Можеби имало претходна несреќа во истата зона. Констатирано е дека нема табли и оти има оштетени знаци.“

Од Јавното обвинителство Скопје не соопштуваат детали дали се истражени и другите три автобуси кои биле во заедничката ноќна смена. Прашавме зошто другите три автобуси побрзале да ја напуштат Бугарија што е можно поскоро и дали други патници биле повикани на разговор.

„Во постапката за која пројавувате интерес преземени се сите потребни дејствија за утврдување на фактите. Случајот е во предистражна фаза, при што јавните обвинители не можат да споделат детали за дејствијата што во моментов се преземаат.“

 Додека трае истрагата, утре во земјава ќе бидат донесени телата на загинатите. Од Министерството за надворешни работи соопштија дека тие наутро ќе бидат донесени на скопскиот аеродром и истиот ден ќе им бидат предадени на семејствата.

 „Бугарската држава обезбеди два воени транспортни авиона кои утре ќе полетаат од Софија за Скопје за да ги донесат телата од трагедијата.“

 Идентификацијата на жртвите беше извршена со ДНК анализа. Првото вештачење во Бугарија покажа дека автопатот имал недостатоци, но оти причина за смртта на 45 патници бил пожарот во автобусот. Имало и доцнење од 6 месеци при поставување на сообраќајната сигнализација. Обвинителството, покрај човечкиот фактор, ги истражува и гласините за евентуални сомнителни запаливи материи во автобусот кои можеби несреќата ја претвориле во трагедија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button