ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Четири институции ќе бараат пропусти за отровниот отпад

По сторијата за увозот на лажниот деклариран мазут, Владата на четири институции им даде задача да ги разјаснат дилемите. Царинската управа доби задача да направи контроли во своите редови и да открие како успеало опасното гориво кое е штетно по здравјето и животот на граѓаните добило тарифен број како да е всушност мазут.

Државниот пазарен инспекторат и инспекторат за животна средина треба да спроведе вонреден инспекциски надзор во „Евротим“, но и во ЕУРОНИКЕЛ Кавадарци и БРАКО Велес кои според ИРЛ го користат ова опасно гориво. Додека, Министерството за економија има задача да провери што точно се испитува при увоз согласно правилникот за квалитет на течни горива и дали тој се почитувал. Владата најавува одговорност за пропустите.

„Апсолутно, затоа и се задолжени сите овие институции за коишто предмалку зборувавме во рок од две недели да достават извештај, по што ќе се постапува. Државата во повеќе наврати укажува дека нема да прави компромиси кога станува збор за здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина“, рече Душко Арсовски, портпарол на Влада.

Според Арсовски царината зела 84 примероци од опасното гориво и во ниту еден примерок не било утврдено дека е покачено нивото на сулфур. Други параметри не се мереле.
Од обвинителството, велат дека ги следат случувањата околу отровното загадување, но не откриваат што преземаат.

„Јавното обвинителство ги следи сите настани, случувања и согласно своите надлежности постапува и ќе постапува во сите случаи каде постои сомнение дека е сторено кривично дело, односно каде што ќе утврди постоење на елементи на сторени кривични дела. Едновремено, доколку други надлежни органи во рамки на своите надлежности и постапувања утврдат постоење на сомнение дека се сторени кривични дела, согласно закон треба да поднесат пријава во обвинителството или МВР“, наведуваат од Јавното обвинителство.

Според ИРЛ, токму опасното гориво по здравјето и животот на граѓаните е причина за загадениот воздух во Скопје, Тетово и Куманово, односно онаму каде што институциите го користеле лажниот мазут за загревање.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button