ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Четири месеци затвор за професорот кој повреди ученик со боксирач

Четири месеци казна затвор доби професорот по англиски јазик од струшката гимназија, Ерол Спахо. Тој во декември минатата година во училиштето „Ибрахим Темо“ нападна ученик со железен боксирач и му нанесе тешки повреди.

Тој беше прогласен за виновен за кривичното дело „насилство“. Ќе му биде пресметано и времето поминато во притвор до правосилноста на пресудата, а ќе треба да плати и над 2.000 евра за судски трошоци. Неговата одбрана најавува жалба на пресудата.

„…Доказите не се објективно оценети. Обвинетиот професор не е виновен за кривичното дело насилство. Има и други повреди на кривичната постапка кои ќе бидат предмет на жалбата која ќе поднесеме“, рече  Сеад Мена-адвокат на обвинетиот.

Во својот исказ минатата недела професорот тврдеше дека инцидентот не го почнал тој, туку ученикот. Семејството на повредениот ученик не е задоволно од пресудата и бараат повисока казна.

За Алсат велат дека истата ќе ја обжалат пред повисоките судски инстанции. Најавуваат дека ќе поднесат и приватна тужба против професорот за закани и уцени бидејќи велат дека и понатаму нема да се чувствуваат безбедни. Во меѓувреме професорот Спахо остана без работа, откако директорката на училиштето по предлог на дисциплинската комисија, донесе одлука да престане неговиот работен однос.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button