СПОРТФУДБАЛ

Членовите на фудбалската селекција на Македонија од денеска се во Букурешт

Македонската фудбалска репрезентација слета во Букурешт каде во следните пет дена ќе ги продолжи подготовките пред првиот натпревар и деби на „ЕУРО 2020“, против Австрија, на 13 јуни. Фудбалерите и останатиот дел од фудбалската експедиција имаа топол пречек во Букурешт, каде ќе одиграат 2 натпревара од првенството.

Пред да заминат за Букурешт сите фудбалери беа облечени свечено, во чест на големиот европски настан. Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, пред да го напуштат хотелот, им посака успех, а на скопскиот аеродром ги испрати премиер Заев.

Цели две недели фудбалерите поминаа на подготовки во Скопје. Селекторот Игор Ангеловски на располагање ги има сите 26 играчи, откако викендов им се приклучи и Енис Барди чиј ковид-тест беше негативен.

Тренинг кампот на Македонија во Букурешт ќе биде на стадионот на Стеауа, каде ќе одигра два натпревари во групата Ц, против Австрија на 13 јуни и Украина на 17 јуни. На 21 јуни, селекцијата заминува за Амстердам за третиот натпревар против Холандија. Во случај на пласман во второто коло, Македонија се враќа во Букурешт или патува за Будимпешта или Лондон.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, оствари средба со министерот за здравство, Венко Филипче и заменик-министерот, Илир Хасани и подари билети за натпреварите на Македонија за одреден број здравствени работници.

Махир Тачи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button