Дали Македонија е подготвена за преговори со ЕУ

Македонија е подготвена за преговарачкиот процес со Европската унија, тврдат од Секретаријатот за европски прашања, кој е координатор на домашната администрација за отворањето на поглавјата со Брисел.
„Северна Македонија има високо ниво на подготвеност по кластери, по новата методологија иницирана од Франција, поголемо дури и од земјите кои преговараат за членство во Унијата. Сосема е разбирлива констатацијата на Комисијата во последниот Извештај дека нашата земја продолжува да ги остварува условите за отворање на пристапните преговори“, изјави Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров претходно истакна дека кадровскиот потенцијал ќе биде најголемиот предизвик, бидејќи во целиот процес ќе бидат вклучени од три до четири илјади експерти и административци.
Симонида Кацарска од Институтот за европски политики смета дека предизвици ќе има, но додава дека администрацијата е подготвена.
„Несомнено еден од предизвиците ќе биде новата кластерска организација на преговорите, за којашто ние не сме подготвени, меѓутоа ниту една земја не е подготвена. Не мислам дека тоа ќе претставува клучен предизвик и ќе има уште едно ниво координација што ќе бара инвестиции во технички ресурси и човечки капацитет“, рече Симонида Кацарска – Институт за европски политики.
Кацарска додава дека е исклучително значајно да се инвестира во администрацијата на долг рок, но и да се изнајде начин кадрите да бидат задржани, со оглед на фактот што и самиот преговарачки процес долго трае.
„Точно е дека од аспект на Европската комисија полошо стоиме со процесот на европска координација од она што било случај во 2006, 2007 година, меѓутоа јадрото на таа администрација постои и многу е погубно сами да се оценувате дека после 20 години не можете да бидете подготвени за фазата која е всушност почеток на преговори“, изјави Симонида Кацарска – Институт за европски политики.
Властите се надеваат дека решение со Бугарија ќе се најде во догледно време и ќе биде дадено зелено светло за преговарачката рамка на Македонија. Првата надеж е јунскиот самит под француското евро-претседателство.
Лука Андреев