ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Дали раскинувањето на договорот со Синохидро, ќе значи и плаќање пенали?

Македонските власти молчат дали и колку државата, би ја чинело евентуалното раскинување на договорот со кинеската компанија Синохидро, која го гради автопатот Кичево-Охрид, како што вчера најавија премиерот Ковачевски и неговиот заменик, Артан Груби.

Дали државата би плаќала пенали, односно обештетување на Кинезите, прашавме во Јавното претпријатие за државни патишта, но одговор не добивме. И министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски не сакаше да коментира, само кратко изјави дека одлуката треба да ја донесе Владата и Собранието. Инаку во точка 20 од договорот склучен меѓу Владата на Груевски и кинеската компанија Синохидро од 29 октомври 2013 година, пишува дека надлежен суд при евентуална арбитража е Арбитражниот суд во Париз.

„На десетта година имаме изведувачи од Кина, кои се уште не го завршуваат автопатот и затоа треба да се направи ревизија и врз основа на да се донесе одлука, како да се продолжи, а една од опциите е секако и раскинување на тој договор. Таа ревизија ќе покаже точно кои се елементите кои предизвикале да има толкаво доцнење на патот. Самиот договор претставува закон и секоја негова промена, секој негов анекс се одобрува од пратениците“, рече Ковачевски.

„Нашиот став е дека премногу долго се гради, дека премногу проблеми се, дека административно законските пречки со кои се соочивме таму на изградба на автопатот беа огромни.Огромни проблеми имавме и со проектната документација“, вели Андреја Серафимовски-претседател на здружение за градежништво.

Институтот за демократија работеше на истражување за автопатот и заклучи дека договорот бил склучен и покрај загриженоста на експертите за изводливоста и профитабилноста.

„Владата се одлучи за директно склучување договор отколку постапка за јавна набавка, и покрај позитивните законски одредби.Така, не беа само кинеските функционери, туку исто така и дејствијата на функционерите од Северна Македонија кои дозволија кинескиот капитал во овој случај да стане корозивен“, се наведува во истражувањето на Институтот за демократија.

Автопатот Кичево-Охрид, кој за експертската јавност е црна точка во Македонија почна да се гради во 2014 година. Првичниот рок беше 2018 година, но беше продолжен најпрво за 2021 година, а потоа и за крајот на 2023 година. Во меѓувреме беа донесени и анакси на договорот со што сумата за изградба достигна 600 милиони евра. Станува збор за 57 километри долга автопатска делница, која се гради цели десет години.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button