Дамева за интерпелацијата: Оставката е личен чин, се поднесува само кога постојат оправдани причини

Поранешната претседателка на Судскиот совет и актуелна членка на ова тело, Весна Дамева, вели дека е во фаза на разгледување на интерпелацијата за нејзината работа што власта ја поднесе во Собранието.
Освен за неа, пратениците од мнозинството во Собранието поднесоа интерпелации и за работата на преостанатите четири члена на Судскиот совет кои ги избира парламентот.
„Интерпелацијата која е поднесена во Собранието ја добив доцна во текот на вчерашниот ден и во фаза сум на анализирање на причините и генерално на нејзината содржина. Кога ќе го изградам својот став, во тој момент сигурно ќе ѝ биде соопштен на јавноста. Нема да остане јавноста без мое произнесување“, изјави Дамева во одговор на новинарско прашање.
Рече дека оставката е личен чин и дека се поднесува само во случај кога постојат оправдани причини за тоа.