ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Данок на солидарност ќе платат околу 200 компании

Предлог законот за солидарност ќе ги даночи профитите на околу 200 компании кои лани оствариле екстра добивка која надминува 10 милиони евра, но и оние кои имаат 20 отсто зголемен ќар во однос на претходните три години. Овие фирми ќе треба да платат 30 отсто од екстра заработката и тие пари да ги вратат во стопанството преку нови мерки и програми за компаниите. Засега дилема останува, дали овој нов данок ќе важи и за компаниите кои лани беа отворени а дејноста им е продажба на електрична енергија. Овие фирми имаат висок профит, но на нив не може да им се направи споредба со годините претходно.

„Не би навлегувал точно за кои компании бидејќи не може наменски да се прави закон, да се опфати една компанија, а да не се опфати друга компанија. Бидејќи сите сме исти пред законите“, рече Ковачевски.

Прашање: „Дали условот од 10 милиони евра профит?

„10 милиони профит е услов“, одговори Ковачевски.

Дел од бизнис здруженијата уште вчера излегоа со коментар дека се против овој нов данок со образложение дека на стопанството не му се потребни нови давачки туку бараат од надлежните да ги откријат и стават во системот оние компании кои се дел од сивата економија.

„Зголемувањето на даноците и состојби на криза се значајни фактори кои придонесуваат за зголемување на сивата економија, што создава сомнеж дали решението за воведување на нов данок ќе може да ја постигне цел која ја поставуваат креаторите на политиките“, наведоа од Сојузот на стопански комори.

Премиерот Ковачевски смета дека новото законско решение за оданочување на екстра профитот нема да потикне сива економија, тој додава дека доколку некој бизнисмен се обиде да неевидентира профит, тоа е даночно затајување и за тоа следува сериозна казна. Инаку, со овој закон ќе се дознае кои компании профитуираа на грбот на граѓаните во време на енергетска криза следена со висока инфлација која предизвика пад на стандардот и намалување на куповната моќ на граѓаните.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button