ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Даравелски преспа во Идризово и побара ново судење

Поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски, уапсен пред неколку дена од граничната полиција во „Табановце“, ќе одлежи 7-годишна затворска казна. Неговиот предмет ќе застари во март 2028 година.

Advertisements

„Врз основа на известувањето од Основниот суд Куманово, апсолутна застареност на извршената казна стапува во сила на 26.03.2028 година. Застареноста ја утврдува судот“, велат од Министерството за правда.

Неговиот бранител поднесе барање за повторно судење. Во посочените причини е нагласена казната изречена во отсуство.

„Неговиот бранител поднесе барање за повторно судење поради тоа што е осуден во отсуство. Оформен е предмет кој е распределен на кривичниот совет за понатамошна постапка. Советот најпрвин ќе ги побара податоците од институцијата каде што ја издржува казната, а потоа предметот ќе биде испратен на разгледување до Основното јавно обвинителство. Кривичниот совет по комплетирање на документацијата ќе донесе решение“, велат од Кривичниот суд, Скопје.

Даравелски е уапсен врз основа на меѓународната потерница за ефективна мерка затвор во отсуство во 2007 година, прогласен за виновен за „злоупотреба на службената должност“, поточно злоупотреба на 2,5 милиони евра. Судот нареди и конфискација на имот до вредноста на буџетската штета. Во 2010 година е започната постапка за откривање и одземање на неговиот имот. Меѓу првите средства кои ги идентификуваа властите за управување со одземените имоти беа луксузен стан во Скопје и продавница во Куманово. Надлежните истражиле откриле повеќе имоти на име на други лица, но кои биле директно поврзани со Даравелски, што довело до конфискација на вила на Водно, чија вредност достигнала 1,4 милиони евра.

Бидејќи износот на конфискациите не ја покрива вредноста на штетата во буџетот, Владата одлучи да ги одземе акциите вредни 2 милиони евра во неговата фирма „Скотиха“. Потоа беа одземени акции вредни околу 700 илјади евра од фирмата „Југоопрема“, поранешната фабрика за цигли во Куманово „КИК“ и уште три фирми „Козјак“, „Терготекстил“ и ЗИК „Скачковце“ во Куманово. Голема вредност на акции е одземена од две банки во кои Даравелски поседувал акции, ИК Банка каде уживал 2,5 отсто од акциите и СТАТЕР банка од Куманово.

Во 2004 година имало барање за негова екстрадиција, но тој успеал да побегне од истражниот затвор каде што бил во Србија. Барање за екстрадиција беше поднесено и во 2013 година, кое српските власти почнаа да го извршуваат во 2016 година, но неколку минути пред предавањето на Даравелски, српската полиција дозна дека тој има српско државјанство.

Вчера додека патувал од Србија кон Македонија со автомобил со кумановски регистерски таблички и заедно со членови на неговото семејство, од страна на граничната полиција бил откриен како лице со активна потерница кое треба да отслужи затворска казна. Даравелски е во затворот „Идризово“.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button