ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Денеска никој не поднесе кандидатски листи, рокот истекува утре

До денеска напладне ниту една партија или коалиција не ги поднела официјално кандидатските листи за пратеници до Државната изборна комисија. Веројатно партиите тоа ќе го сторат утре до полноќ, кога е и последниот рок за поднесување на листи. Се очекува на претстојните парламентарни избори на осми мај да настапат вкупно пет коалиции и најмалку две партии.

Викендов најголемите партии ги промовираа своите кандидати. Целосните листи ги презентираше коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а носители во шесте изборни единици се Христијан Мицкоски, Владо Мисајловски, Драган Ковачки, Александар Николоски, Ѓорѓија Сајковски и Дафина Стојаноска. Противкандидат на Мицкоски во единицата ќе биде лидерот на социјалдемократите Димитар Ковачевски. Носители на листи за СДСМ се и Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Венко Филипче, Јован Митрески и Славјанка Петровска.

ДУИ со својата коалиција пак, не ги откри целосните листи за кандидати за пратеници, но ги најави носителите. Тоа ќе бидат Блерим Беџети, Садула Дураку, Сулејман Баки, Енвер Хусеин, Зијадин Села и Али Ахмети. Од партијата денеска информираа дека во коалицијата што ја предводат денеска се приклучила и Бошњачката демократска унија.

Албанскиот опозициски фронт, односно коалицијата „Вреди“ најави дека носителите на листите и кандидатите за пратеници ќе ги презентира утре.

Претходно, носителите ги најавија и партијата Левица на Димитар Апасиев, коалицијата предводена од партијата ГРОМ на Стевче Јакимовски, како и Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски. Иако претходно претседателката на партијата „Нова алтернатива“, Данела Арсовска најави кандидатски листи во сите шест изборни единици, засега е неизвесно дали и кога ќе ги презентира. Таа неодамна најави дека ќе биде носител на листата во првата изборна единица.

За утре се очекува да се одржи и седница на Државната изборна комисија, на која ќе биде направен пресек за пријавените кандидати за пратеници. На последната седница членовите усвоија и Упатство за начинот на идентификација на гласачот, согласно кое беше утврдено дека гласачот само еднаш ќе може да се појави на избирачкото место за гласање на двојните избори на осми мај. Избирачкиот одбор задолжително ќе ги прашува граѓаните за кој вид на избори сакаат да гласаат, а граѓаните имаат право да бираат дали ќе гласаат само за претседателски избори, само за парламентарни избори или за двете.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button