ВЕСТИРЕГИОН

Денеска протест на земјоделците на грчко-македонската граница

Двата грчко-македонски гранични премини денеска ќе бидат затворени на неколку часа поради протестот на земјоделците од Грција кои најавија блокада на грчката страна од границата.

Според дописничката на МИА од Атина, на граничниот премин „Евзони“ („Богородица“) грчките земјоделци ќе одржат собир кој ќе започне околу 13 часот по локално време, односно околу 12 часот по македонско време. Се очекува дека сообраќајот на овој премин да биде блокиран неколку часа.

Во изјава за дописничката на МИА од Атина, претседателот на земјоделското здружение од областа Пеониа, Томас Карипидис, вели дека на „Евзони“ ќе бидат паркирани околу 100 трактори и пет комбајни, додавајќи дека е планиран голем земјоделски собир на граничниот премин кој би траел два до три часа.

Преминот „Ники“ („Меџитлија“), пак, според локалните медиуми, ќе биде затворен во периодот од 12 до 16 часот по грчко, односно од 11 до 15 часот по македонско време.

Грчките земјоделци изминатиот период излегоа на низа протести и блокади низ Грција, меѓу кои и на грчкиот граничен премин „Евзони“ кон С Македонија. Тие од грчката влада очекуваат да ги исполни нивните барања во однос на зголемените трошоци за производство. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис пред две недели најави дополнителни мерки за земјоделците, но незадоволни од нив, тие продолжија со протестите.

Причината за денешните интензивирани активности на земјоделците во Грција е состанокот во Брисел на министрите за земјоделство на Европската Унија на кој ќе се дискутира за новата заедничка земјоделска политика.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button