Џафери: Полицијата изврши увид, Крмов ќе треба да ја плати направената штета

По завршување на продолжението на 131. седница и гласањето за новиот Деловник на Собранието синоќа во пленарната сала припадници на МВР извршиле увид на направената штета во инцидентот што го предизвикаа пратениците од Левица за време на амандманската расправа.
Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА денеска изјави дека натаму постапката треба да ја води обвинителството, или по пријава од полицијата или по допрен глас од она што се гледа дека се случувало на седницата од која има директен пренос како на Собранискиот канал така и преку веб – страната на Парламентот.
За тоа колкава материјална штета е направена дополнително ќе биде соопштено, вели тој, но таа, нагласува Џафери ќе треба да биде надокнадена од пратеникот Борислав Крмов од Левица, кој го искрши мониторот и друг инвентар на претседавачката маса во Пленарната сала.