ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Џафери сече ленти и најавува проекти, само ден по распишување на изборите

И покрај тоа што од вчера се распишани претседателските и парламентарните избори, техничкиот премиер Талат Џафери продолжува со набиена промотивна агенда. Денеска во Општина Липково тој присуствуваше на увид во нова градинка во Матејче, на реконструиран локален пат  во Липково, а го посети и Домот на културата. На крајот на денешната обиколка го посети и училиштето во село Лојане, каде беше најавено дека наскоро ќе започне изградба на спортска сала.

Џафери се правда за присуството на промотивните настани велејќи дека одредбата од Изборниот законик важи 20 дена пред одржувањето на изборите. Во Законот за спречување на корупцијата пак, се вели дека не може да се започне изградба со средства од буџетот на патишта, водоводи, далноводи, канализација, училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.

Дел од поранешните антикорупционери велат дека функционери и претходно го заобиколувале законот и промотивните настани временски ги темпирале. Ова се нивни заклучоци и од изминати изборни циклуси.

„Изградбата или реконструкцијата е во рамки на изборниот процес, обезбедени се средства од Буџетот и се планирани во соодветни програми, но дискутабилно е зошто изградбата почнува токму во изборниот период… Ваквиот начин на „принципиелно“ почитување на Изборниот законик укажува дека при планирањето на овие активности се настапува од позиција на моќ што ја носи функцијата“, се наведува во Посебниот извештај за утврдени злоупотреби во финансирање на изборна кампања 2021.

Додека Џафери се фотографираше во липковскиот регион, вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, преку отворено писмо на колегите политичари им порача дека со распишувањето на изборите и почетокот на предизборниот период, од огромно значење е секој учесник во овој процес постојано да ги има предвид законите, но и етичките принципи.

„Не само да се придржуваме до одредбите во изборниот и другите закони, туку да поставуваме повисоки етички стандарди пред себе. И така директно придонесуваме државата да оди напред. Секој со својот пример, секој со својот дел од одговорноста“, порача Грковска.

Засега не се знае дали новиот антикорупциски состав ќе го разгледува присуството на Џафери на промотивните настани. Нивните претходници неодамна информираа дека Џафери го прекршил Уставот, бидејќи како претседател на Собранието бил назначен и на висока партиска функција. Тој пак, единствено платил казна поради судирот на интереси.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button