ВЕСТИЗДРАВСТВО

Се зголемува бројот на деца заболени од голема кашлица

Бројот на случаи со голема кашлица достигна 34. Од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) велат дека по прогласување на епидемијата будно ја следат состојбата.

„Центарот за јавно здравје прогласи епидемија на голема кашлица или пертусис на 08.02.2024 година и продолжуваме секојдневно да ги следиме случаите и досега имаме 30 случаи. Известени се сите институции кои имавме обврска да ги известиме“, велат од ЦЈЗ.

По прогласувањето на епидемија во дневните центри не се примаат деца кои не се целосно вакцинирани. Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека и претходно децата кои се запишани во дневен престој морале да се вакцинирани.

„При задолжителното пријавување на децата согласно прописот за формата, содржината и начинот на водење на педагошка документација и докази во градинката и центарот за ран развој, досието на детето мора да содржи податоци за здравствената состојба на детето. Податоците ги содржат името, презимето, датумот и местото на раѓање на детето, податоци за статусот на вакцинација и вакцините добиени според личната имунизациска картичка“, велат од МТСП.

По прогласувањето на епидемијата многу родители  ги вакцинираа своите деца.

„Од почеток кога децата се регистрираат кај нас, бараме да ги имаат сите вакцини. Но, овде имаме друг проблем, бидејќи имаме деца кои се во градинка од деветти месец, сега веројатно имаат четири години и го имаме истото досие на детето, можеби примил само една доза од вакцината, или ги има добиено и другите две-три, ама немаме никакви документи,  и не сме ги побарале од родителите. Сега кога го видовме ова во медиумите… ги замоливме родителите да го донесат документот за вакцинација“, рече Гзиме Бакиу, директорка на градинката Фидани.

По објавувањето на епидемијата пунктовите за вакцинација работат во две смени, дополнително работат и во сабота од 8 до 14 часот. Од пунктот за вакцинација „Букурешт“ соопштија дека тројно е зголемен бројот на заинтересирани за вакцинација.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button