ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Дилеми за новото тарифирање на струјата, што е со големите семејства?!

Новото најавено тарифирање на електричната енергија ќе предизвика низа проблеми за домаќинствата. Регулаторната комисија ќе мора прецизно да ги таргетира домаќинствата кои треба да плаќаат повеќе, а кои не. Може да се случи во голем потрошувач да биде повеќечлено семејство кое живее под ист кров, а нема високи месечни примања, вели професорот Константин Димитров.

„Се поставува прашањето ние трошиме многу, ама во мојот стан живееме десет души зошто немаме пари да купиме три куќи, како тоа ќе се пресмета во која тарифа ќе биде тој што има многу луѓе на едно броило? Немаат пари да направат и три фамилии живеат во еден стан ќе трошат повеќе електрична енергија и ќе бидат казнети, а се сиромашни…“, вели Константин Димитров, претседател на Центар за енергетска ефикасност.

Како еден од примерите за ваков систем на тарифирање има соседно Косово. Кај нив граѓаните плаќаат два пати поскапа електрична енергија доколку на месечно ниво надминат 800 киловати. Кај нас, во просек едно четиричлено семејство месечно троши околу 500 киловати. Примената на овој тарифен систем во Косово е почната од февруари годинава и се очекува да трае до март 2023 година.

„За домаќинство кое надминува над 800 киловати цената од 0,09 евра ќе се пресметува 0,21 евро“, велат од Комисијата за енергетика на Косово.

Според најавите на Регулаторната комисија во Скопје, новиот тарифник нема да ја опфаќа потрошувачката при евтината тарифа навечер и во неделите, туку само во периодот на т.н. скапа струја. Планот е да има три до четири модели, но засега не се прецизираа која ќе биде границата на потрошена струја над која цената потоа би била поскапа. Примената на новиот тарифник се очекува да почне од јули.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button