Димитров: Наодите од извештајот на ЕК референтна точка за реформите

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска заедно со Михаела Матуела од Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и проширување, надлежна за Северна Македонија и Албанија, копретседаваше со годишниот состанок на Заедничкиот мониторинг комитет, како највисоко тело во рамки на користењето на ИПА фондовите.
Како што соопшти СЕП, со цел да се направи преглед на спроведувањето на средствата алоцирани преку ИПА, вицепремиерот Димитров нагласи дека наодите од Извештајот на ЕК за Северна Македонија ќе се користат како референтна точка за рационализирање и управување со реформите кои произлегуваат од европската агенда со цел да се обезбедат европски стандарди за граѓаните преку ЕУ фондовите.
„Потребен ни е фокус и акција, досегашното искуство и предизвиците да ги искористиме како катализатор за да создадеме појасна слика за нашите следни чекори и да одиме одлучно напред. Искрениот, партнерски пристап и подобрувањето на координацијата во спроведувањето на ИПА се клучните предуслови за постигнување на заедничките цели“, рече Димитров.