Дипломатот Филипов: „Ставовите на Пендаровски и Османи за Бугарија не се разидување“

И Скопје и Софија ги очекува пораз, смета дипломатот Ѓорѓи Филипов. Судејќи според изјавите од официјален Париз, тој е песимист дека темата за проширувањето ќе се најде во фокусот на француското евро-претседателство, особено во период кога на тамошниот претседател Емануел Макрон му претстојат избори во април, а потоа летото во Франција ќе има и парламентарни избори. Филипов не очекува ниту големо поместување во разговорите со Бугарија.
„Доколку Бугарија остане на своите позиции, а ќе остане, тоа сепак ќе се одложи за понатаму, што се разбира, нас не треба да нè обескуражува, бидејќи и онака влегувањето во ЕУ немаше да се случи моментално“, вели Ѓорѓи Филипов, дипломат.
Коментирајќи ги преговорите, Филипов вели дека резолуциите изгласани во двете Собранија го отежнуваат процесот на изнаоѓање решение, бидејќи црвените линии и на двете страни веќе биле јасни. Дипломатот тврди дека домашните власти настапуваат заеднички, иако претседателот Стево Пендаровски порача во преговорите да не се брза, а министерот за надворешни работи, Бујар Османи, очекува зелено светло веќе во јануари.
„Не би го нарекол тоа разидување во надворешната политика, туку само го нарекол различна артикулација, бидејќи се работи за една иста цел. Свесни сме колку ние направивме и некои работи во надворешната политика се изненадување, не само за нас, туку и за многу помоќни дипломатски сили“, вели Филипов.
Од друга страна, бугарскиот академик Спас Ташев вели дека условите на Софија се сега веќе конкретизирани и од понудата на претседателот Румен Радев, т.н. „Предлог 5+1“, не може да се бега. Во пакетот се наоѓа и барањето за почитување на правата на Бугарите во Македонија.
„Скопје, при ваков пристап, нема можност да маневрира на страна, бидејќи нема како да откаже овие услови да бидат исполнети“, рече Спас Ташев, Член на Бугарската академија на науките.
Сепак, евентуален исчекор за скорешна деблокада на македонската евроинтеграција се очекува по посетата на земјава на новиот бугарски премиер Кирил Петков, во јануари.
Лука Андреев