ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дивата депонија кај Струга се полни со смет, регионална депонија се ветува здравје за догодина

Регионалната депонија за Југозападниот и Пелагонискиот плански регион која треба да биде стационирана во општина Новаци кај Битола, се очекува да започне со градба во втората половина на 2022 година. Но тоа ќе се случи само ако Европската банка за обнова и развој го одобри кредитот за кој владата веќе има аплицирано, велат од Министерството за животна средина.

„Ние бараме заем од Европската банка за обнова и развој-ЕБОР за сите пет плански региони со вкупен износ од 55 милиони евра. Од нив 22 милиони се наменети за регионалната депонија за Југозападниот и Пелагонискиот регион“, велат од Министерството за животна средина.

Овие пари ќе бидат искористени не само за изградба, туку и за набавка на целокупната опрема. Во меѓувреме на дивата депонија кај Струга секојдневно се носат помеѓу 10 и 15 тони најразновиден отпад. Екологистите и понатаму алармираат од негативниот импакт што оваа депонија го има врз животната средина.

„Прво и примарно зголемена е количината на алкални метали во внатрешноста на земјата каде што е сместена депонијата, со што имаме и контаминација, не само во земјата, туку и надвор од неа. И не само тоа, туку со зголемувањето на летните температури ќе имаме процес и на испарување на овие алкални подземни метали, ефект кој со сигурност негативно ќе влијае во самата атмосфера со негативни последици за населението посебно кај респираторните органи“, изјави Беким Зиба-биолог.

Во Струга не профункционира ниту претоварната станица каде отпадот требаше да се пресира, селектира и потоа да се транспортира надвор од овој регион. За станицата беа потрошени околу 340.000 евра, но три години од нејзината изградба, таа воопшто не проработе. Затворањето, односно дислокацијата на дивата депонија беше едно од главните ветувања на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на почетокот на неговиот, сега веќе трет актуелен мандат.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button