Долгот на Тетово од 24 милиони евра, намален на 23 милиони

Долгот на општина Тетово е намален за околу еден милион евра. Ова денеска го соопшти градоначалникот, Биљал Касами, кој додаде дека и покрај кризата успеале да го намалат долгот од претходниот состав, од 24 на 23 милиони евра. Училиштата веќе немаат долгови, а заостанатите плати на работниците во некои општински претпријатија се целосно исплатени, пишува Алсат.
„Училиштата кои ги затекнавме со околу 80.000 евра долгови веќе се исплатени и нормално функционираат. ЈП Градски паркинг, покрај долгот што го објавивме, имаше и неподмирени плати од околу 50.000 евра, кои ги расчистивме и сега работниците навреме си ги добиваат платите, а компанијата успеа да плати дел од долгот.“рече Биљал Касами Градоначалник на општина Тетово.
Долгот не е намален само во општинското јавно претпријатие „Тетово“, кое во овој период го зголеми долгот од 9 на над 10 милиони евра. Касами нагласи дека за компанијата „Тетово“ се работи на физибилити студија со која ќе се согледаат можностите да се трансформира во јавно-приватно партнерство.
„Ситуацијата сè уште е тешка во ЈКП Тетово. Тоа е резултат на зголемувањето на минималната плата и поскапувањето на струјата и нафтените деривати од една страна, како и неуспешната наплата на сметките. Ова претпријатие го затекнавме со долг од близу 10 милиони евра и многу други проблеми, како што се недостиг на плати, персонал и работна опрема, како камиони и контејнери. За да се соочиме со овие проблеми решивме целосно да ја реорганизираме компанијата.“ рече Биљал Касами Градоначалник на општина Тетово.
Со загуби и потешкотии продолжува да работи компанијата „Тетово транспорт“ која поради некористење на јавниот превоз, трупа загуби. Пред неколку месеци општината мораше да ѝ даде помош од 3 милиони денари за раздолжување и исплата на платите./Алсат.мк
БАШКИМ СУЛЕЈМАНИ