
Дел од железничката станица во Хамбург вчера попладне била опколена откако со воз од Франкфурт пристигнале момче и девојка за кои се стравува дека се заразени со многу опасен и смртоносен вирус.
Полицијата ја опколила платформата, а лекарите со полна опрема се качиле во возот и го префрлиле младиот пар во болница. Останатите патници биле евакуирани.
Мажот, наводно студент по медицина, немал температура, но неговата партнерка почнала да повраќа во возот. Германскиот портал „Моргенпост“ пишува дека двојката во средата наутро директно од Руанда пристигнала со авион.
Портпаролот на противпожарната служба во изјава за таблоидот Билд рекол дека 26-годишниот и неговата девојка, за време на патувањето, развиле симптоми слични на грип. Тој исто така рекол дека двајцата лекувале маж во Африка за кој подоцна било потврдено дека е заразен со вирусот марбург.
Студентот и неговата девојка биле пренесени во Универзитетската болница „Епендорф“, специјализирана за тропски болести. Нивниот багаж бил одземен.
Руанда моментално се бори со појава на вирусот марбург, кој досега однесе осум животи, пишува Би-би-си.
Марбург вирусот го шират одреден вид лилјаци, но може да се пренесе и од човек на човек преку телесни течности и крв. Смртноста може да достигне до 88%.
Извор: Politico