ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Државата не ги зема парите од Сеад Кочан, обвинувања меѓу институциите

Пропадна конфискацијата на имотот на Сеад Кочан. Државата нема да земе ниту денар од незаконски стекнатите буџетски пари од тендерот во РЕК Битола, кој вредеше над 17 милиони евра.

Истражните органи, меѓусебно се обвинуваат кој е крив што државата не го доби своето по конфискуваниот имот од фирмата „Трансмет“ која беше на Кочан. И Антикорупциската комисија отвори предмет и разгледува евентуален судир на интереси. Од Антикорупциска за Алсат само потврдуваат дека водат постапка и оти предметот е во рана фаза.

Обвинителството за организиран криминал пак, собира докази по кривичната пријава на Државното правобранителство кое ги осомничи обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски, како и поранешниот истражител на СЈО, Арафат Муареми, актуелен директор на Управата за финансиска полиција. Според правобранителство, тие не реагирале навремено за државата да си ги земе парите од него. Но, Ајро, Бубевски и Муареми ги отфрлија ваквите обвинувања.

Паралелно предистрага води и Управата за финансиска полиција, против државниот правобранител, Фехми Стафа. Се испитуваат наводи за евентуална поврзаност меѓу него и Кочан. Според неделникот „Фокус“, под лупа на Управата бил имот во Бутел кој бил во сопственост на братучед на Кочан, а новиот сопственик, наводно му го подарил на државниот правобранител Стафа. Тој пак, за Алсат тврди дека тој имот нема никаква поврзаност со Кочан, туку се работи за друго семејство со исто презиме како она на познатиот бизнисмен.

Државното правобранителство во кривичната пријава наведува дека обвинителите конфискувале имот на „Трансмет“ од кој најголем дел веќе бил даден под банкарски хипотеки. Сеад Кочан е осуден на четири години и осум месеци затвор за случајот „Труст“. Со лажни документи добил тендер од ЕЛЕМ за фирмата „Трансмет“ да копа јаглен во РЕК Битола.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button