ДУИ се налути, Законот за коцкање повторно не помина во Парламентот

Пропадна обидот на владејачкото мнозинство да го протурка Законот за игри на среќа. Откако претседателот Пендаровски првично не го потпиша указот, поради злоупотребата со европското знаменце на која укажа ЕУ, пратениците доцна синоќа го ставија предлогот повторно на гласање. Тие и овојпат решија да ја заобиколат редовната процедура и го користеа европското знаменце во трето читање. Но, иако имаше поддршка од 51 пратеник, законот сепак не е усвоен зашто беше неопходен 61 глас. Од Собранието појаснија дека процедурата сега е завршена, бидејќи само со 61 глас „за“ претседателот на државата би бил приморан да го потпише указот.
„Во оваа фаза прашањето беше околу стапување во сила на законот за што треба Претседателот на Собранието и Претседателот на Републиката да го потпишат Указот за негово прогласување и после да се објави во Службен весник. Бидејќи на повторното гласање немаше 61 пратеник (што е уставен услов) Претседателот нема обврска да го потпише указот и законот нема да стапи во сила“, наведуваат од Собранието.
Од разврската незадоволни останаа од ДУИ. Тие прстот го вперија кон Пендаровски, но и опозициските пратеници. Од партијата остануваат на ставот дека Пендаровски со непотпишувањето на указот направил, како што велат, голема грешка. Но, не им се лутат на поединечни пратеници од коалицискиот партнер СДСМ, кои не гласаа „за“.
„Паднаа сите маски, се престроивме сите вчера – кој го штити интересот на граѓаните, а кој ги штити интересите на казината“, рече Арбер Адеми – пратеник на ДУИ.
Од друга страна, од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа денеска истакнаа дека се спасени илјадници работни места.
„…мнозинството пратеници останаа доследни на ставот дека нема да дозволат злоупотреба на ЕУ знамето за законски измени кои немаат никаква врска со хармонизација со европското законодавство. Истовремено, сакаме да искажеме благодарност на официјалните претставници на ЕУ кои доблесно укажаа дека нема да премолчат злоупотреби“, рекоа од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.
Претседателот претходно повика законот да се разгледува во редовна процедура, односно во широка дебата со сите засегнати страни. Тој побара да не се злоупотребува европското знаменце.
Лука Андреев