ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ДУИ тврди, правата на Албанците се реализирани, па сега ќе ги чисти реките и воздухот

Зелената агенда од денеска станува еден од столбовите на сината партија. Лидерот на интегративците, Али Ахмети рече дека по спроведувањето на големите проекти како што се етничката еднаквост, членството на земјата во НАТО и добивањето на зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, време е Демократската унија за интеграција да работи за чиста животна средина, еколошка правда и квалитетен живот.

„Во мојата младост реките беа толку чисти што ја пиевме таа вода. Денес тие реки се толку загадени што претставуваат ризик по здравјето и животната средина. Денеска гледам запустени шуми, диви депонии во секоја населба, не секогаш поради институциите, туку и по наша вина…“, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Ахмети рече дека водата, земјата и чистиот воздух, намалувањето на емисиите на гасови во воздухот, квалитетните патишта и железници, гасификацијата и зелената енергија ќе бидат во фокусот на креирањето на новата политика на ДУИ на централно и локално ниво. Тој ги откри и темите со кои оваа партија ќе се натпреварува на локалните избори.

„Денес загрозувањето на зелената агенда и загадувањето на животната средина е закана за безбедноста, исто како корупцијата и организираниот криминал. Затоа Владата, општините и сите наши институции мора да се приклучат и ќе работиме да станеме лидери во регионот и во Европа во политиките од зелената агенда.“, рече Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Овие еколошки ветувања на ДУИ доаѓа во време кога таа речиси 20 години е дел од власта, а во многу мандати имаше и министри за екологија.  ДУИ смета дека точките од Охридскиот договор се реализирани, иако албанскиот јазик и понатаму во многу државни институции не се користи, а употребата на симболите зависи од процентот на Албанци во општините, многу училишта со настава на албански јазик се во мизерна состојба, а многу села немаат ниту вода за пиење. Покрај зелената агенда, оваа партија беше позната и по други големи идеи како онаа за првиот премиер Албанец или по ветувањата за формирање на т.н. висок суд за еднаквост со кои ја трчаше трката на последните парламентарни избори.

Анеса Салиху

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button