ВЕСТИМАКЕДОНИЈА
Двајца цариници суспендирани, казнет раководител: Автобусот на „Беса Транс“ не ни бил евидентиран дека ја напуштил границата на земјава

Царинците во четвртокот воопшто не ни го евидентирале изгорениот автобус на „Беса Транс“ дека излегол од државата, туку само ги евидентирале патниците во него кои ја напуштиле земјава. Ова го утврдила внатрешната контрола на Царинската управа. Од институцијата соопштија дека двајцата службеници кои биле на смена ќе бидат суспендирани од работа, додека нивниот шеф ќе биде казнет.
Во Царина, по проверките утврдиле дека автобусот изминатиот месец дена во неколку наврати ја напуштал земјава, а за сите преминувања на границата дополнително ќе ги проверува документите кои биле дадени од „Беса Транс“.
„За возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа има евидентирано повеќе преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува“, се наведува во соопштението на Царинската управа.