
Еднодневен штрајк на вработените во јавниот транспорт во Берлин денеска предизвика големи прекини во главниот град на Германија, бидејќи повеќето автобуси, трамваи и подземните железнички линии U-Bahn прекинаа со работа.
Транспортните работници ја напуштија работата во 3 часот наутро и треба да останат во штрајк до 3 часот наутро во вторник, изјави за ДПА, преговарачот на синдикатот Верди, Џереми Арнд.
Влезовите на станиците на U-Bahn во Берлин беа заклучени, а работниците што штрајкуваат со знамиња на синдикатите се собраа пред депоата. Сепак, приградската железничка мрежа S-Bahn, со која управува националниот железнички оператор Дојче Бан, остана во функција.