ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Едвард Џозеф зборува за Алсат за интеграцијата во ЕУ и односите Косово-Србија

Американскиот експерт и познавач на случувањата на Балканот, Едвард Џозеф, во интервју за Алсат оцени дека до 2030 е можно проширување на Европската унија со државите од Западен Балкан. Во однос на случувањата меѓу Косово и Србија тој нагласи дека Брисел и Вашингтон треба да им понудат решение со формулата „земи или остави“.

Прашање: Од Брисел стигна порака дека сакаат да го забрзаат процесот на проширување со земјите од Западен Балкан, сите шест земји, вклучително и Македонија. Сметате дека 2030 година е реална цел?

„Теоретски, би можела да биде. Ќе ви кажам, неодамна бев во Будва, на конференција со Мирослав Лајчак, поранешниот претседател Пахор, беше и специјалниот романски претставник за Балканот и она што тие лично го кажаа и го повторуваа е дека војната во Украина, односно руската неиспровоцирана инвазија во Украина навистина го промени мислењето во Европа. Вклучително и во Франција, земјата која направи огромна грешка со тоа што ја блокираше оваа земја во 2019-тата година по Преспанскиот договор. Така што, официјалните лица на ЕУ навистина веруваат дека има ново разбирање во Европа и Брисел, како и главните градови како што е Париз и другите, во однос на проширувањето. Тие препознаа дека ова е клучно за Европа, наспроти заканата на Путин. Постои ризик дека тие ќе се фокусираат само на Молдавија и Украина и ќе го занемарат Балканот, зашто можат да кажат „видете, вие имате многу нерешени прашања со Бугарија, меѓу Косово и Србија, видете и во Црна Гора и во Босна и Херцеговина“ и лесно можат да најдат оправдување, што е многу важно. Не можам да кажам со сигурност дека 2030 година тоа ќе се случи, но морам да кажам дека верувам оти има нов сериозен пристап кон проширувањето на Европската Унија, што не постоеше пред инвазијата на Путин врз Украина“, вели Џозеф

Прашање: Ги споменавте и билатералните предизвици што ги имаат земјите од регионот. Меѓу нив и оној меѓу Косово и Србија. Во Скопје допатувавте од Приштина, каква е Вашата оценка за политичката и безбедносната состојба таму?

„Видете, имаме доказ дека сите треба да се разбудат после она што се случи во Бањска на 24 септември. Патем речено, доаѓам тука од Косово, а вчера бев во Бањска. Го посетив токму манастирот и зборував со Србите на северот. Се сретнав и со официјални лица во Приштина и сите треба да се разбудат, вклучително и тука во оваа земја. Ова беше навистина сериозен настан за целиот регион со огромно количество на муниција. Најмалку 30-40 тешко вооружени Срби влегоа таму со најразлични возила, меѓу кои и воени возила и тоа сигурно се случи со државна поддршка од страна на Србија. Ако успеаја да се организираат, замислете колку луѓе можеа да бидат убиени. Дури можеби и војници на КФОР, војници на САД ќе беа убиени или ќе беа повикани да застанат на средина. Ова е многу сериозен настан и знаевте што можеше да се случи, дури и во овој случај со еден албански полицаец. Ова е доказ дека Белград има непријателски намери кон Косово. Затоа сите мора да се разбудат, без разлика како размислуваме. Но, ова не значи дека Албин Курти е ослободен, прекрасен и нема никаква одговорност. Тој исто така има одговорност, но тоа не можеме да го изедначиме со појавувањето на 30-40 момци со пушки, оружје, гранати кои убиваат косовски полицаец. Што е ова? Што е ова? Секој во оваа земја мора да се разбуди и да се исправи пред реалноста на Србија предводена од Александар Вучиќ. Мора да се разбере дека ова е доказ на непријателски намери. САД мора, а зборував за ова и со Мирослав Лајчак во Будва и напишав на твитер каде можете да го чуете и моето прашање кон него дека САД и ЕУ треба да им претстават на Косово и Србија договор кој е „земи или остави“ и тоа веднаш. Сериозен договор кој ќе се однесува на имплементација на веќе договореното и да се продолжи напред и конечно да се реши ова“, вели Џозеф.

Прашање: Сметате дека тоа е возможно, бидејќи досегашните напори за за деескалација, а потоа и нормализација на односите не вродија со плод?

„Мислам дека е возможно, мислам дека е. Но, мора да запомниме дека треба да има цврст притисок од страна на САД и ЕУ сега. Претходно, сè што гледавме беше притисок врз Косово. Само тоа гледавме – притисок врз Курти, критики кон Курти, а ништо за Вучиќ, ништо, само пофалби имаше Вучиќ. Дури и после 29 мај, кога Срби со молотови коктели и пиштоли пукаа кон КФОР, тешко повредувајќи еден унгарски војник, кој ја загуби ногата, а можеше да биде убиен. Дури и после тоа, целата вина беше насочена кон Курти и го пофалија Вучиќ во тој момент. Па така, не беше изненадување дека две недели подоцна Србите влегоа на Косово, барем така верувам според она што го слушам, Србите влегуваат и киднапираат тројца косовски полицајци. Потоа го прават и овој настан на 24 септември во Бањска. Ова беше грешка и САД и ЕУ мора да се сериозни и да доведат до деескалација. Но, да, треба да има и соодветна застапеност на косовските Срби за тие да можат да се вратат во косовските институции, да изберат нивни градоначалници, да имаат претставници и да бидат прифатени и интегрирани во косовското општество. Да бидат почитувани како целосни граѓани на Косово. Тоа е она што ние го сакаме“, вели Џозеф.

Прашање: Меѓу другото и преку основањето на Асоцијацијата на општини?

„Секако, тоа е дел од сето ова. Но, видете, после 24 септември, политиките веќе не можат да бидат „Косово ти направи ја Асоцијацијата, а подоцна ќе видиме што Србија ќе треба да стори“. Видовме дека Вучиќ одби да ги потпише дури и договорите. Тој може да го блокира Косово. Тој постави вето за Косово во Советот на Европа, што е целосно прекршување на Договорот, но ајде да потсетиме дека од Советот на Европа косовските Срби ќе имаа придобивки. Тие ќе можеа да имаат пристап до Европскиот суд за човекови права. Тоа ќе беше добро за косовските Срби. Ќе биде многу јасен кон сите. Александар Вучиќ нема интерес за косовските Срби во своите намери. Тој си ги има интересите на Александар Вучиќ. Тој сака да ги искористи косовските Срби, а не да ги заштити. Тој е вистински проблем тука и затоа ние треба да ја подобриме состојбата на косовските Срби за да се целосни граѓани во рамките на Косово“, рече Џозеф.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button