ЕК ја предупредува Унгарија за олеснувањето на визниот режим за Русите и Белорусите
ЕК ја предупредува Унгарија за олеснувањето на визниот режим за Русите и Белорусите
Еврокомесарката за внатрешни работи на Европската унија, Илва Јохансон,вчера ја предупреди Унгарија дека нејзината одлука за олеснување на визните ограничувања за Русите и Белорусите претставува потенцијална безбедносна закана и рече дека ќе преземе мерки доколку не се реши нејзината загриженост.
Унгарија минатиот месец ја прошири својата доселеничка програма на „национални лични карти“ за, меѓу другите, да ги вклучи Русите и Белорусите. На носителот на ваква лична карта му е дозволено да работи во Унгарија без безбедносна проверка и може да го донесе своето семејство во земјата.
Потегот предизвика загриженост кај претставниците на ЕУ, кои рекоа дека Русија и нејзиниот сојузник Белорусија би можеле да ја искористат шемата за да испратат саботери и шпиони во безграничната Шенген зона на ЕУ, додека Унијата се обидува да ја изолира Москва поради војната во Украина.
Инцидентот ги одразува пошироките тензии меѓу лидерите на ЕУ и владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во врска со руската војна во Украина.
Орбан одржува блиски врски со Москва и минатиот месец го посети рускиот претседател Владимир Путин како дел од т.н „мировни мисии“, преземени без поддршка од ЕУ, неколку дена по преземањето на ротирачкото претседателство со Унијата.
Во своето писмо, Јохансон побара од Унгарија да одговори до 19 август на прашањата за визната шема„со оглед на потенцијалната закана од овие еднострани мерки за Шенген зоната“.