Екс-врховниот судија Вангеловски во судницата: „Да се изземат судијката и обвинителот“

По трет пат обвинетиот Јово Вангеловски успеа да го одложи судењето против него за злоупотреба на службената положба. Поранешниот претседател на Врховниот суд денеска беше без адвокат. Бил болен од ковид. Не можел да се брани сам и побара одлагање. Судот не прифати и посочи дека за ова дело не е задолжителен и бранител.
Одложени судења:
25 септември, одложено – Вангеловски не ги видел доказите
29 октомври – барање за изземање на судијката
Откако Вангеловски увиде дека нема да има одлагање, повторно ја обвини судијката дека е пристрасна. И овој пат побара нејзино изземање, иако веќе има одлука дека неговото барање е одбиено. Дополнително за да го одложи судењето и денеска побара изземање и на обвинителот.
„Судијата постапува пристрасно. Обвинението е нецелосно, не ја содржи мојата адреса. Ме прекинувате додека зборувам, а тоа покажува судијке дека сте пристрасна. Барам да се изземе обвинителот Спасенка Ангелова зашто е очигледно направен обид брзо да се напише обвинение и не се почитувало начелото, да се подготви обвинение со сите елементи“, вели Вангеловски.
Следното рочиште е закажано за 18 декември. На Вангеловски тогаш му останува можност за ново барање за одлагање – да побара да се изземе надлежноста на Кривичниот суд врз предметот против него. Инаку, Вангеловски е обвинет зашто на колешката Лидија Неделкова намерно не ѝ определил додаток на плата од 35 проценти, додека тој го водеше Врховниот суд. Вангеловски и официјално беше разрешен од судија на 10 – ти март годинава поради тоа што во 2017 година додека тој раководеше со Врховниот суд заедно со уште двајца врховни судии му го укинаа притворот на бизнисменот Сеад Кочан, иако тој беше во бегство.
Бојан Стојановски