Експерти: Судските реформи, невидливи за граѓаните

Умерениот напредок во судството, кој го нотираше Европската унија во последниот извештај за напредокот на реформите во земјава, сè уште не е опиплив за граѓаните. Дел од експертите кои ги следат и анализираат реформите во судството, за Алсат посочија дека годинешниов документ не се разликува многу од ланскиот, каде исто ЕУ констатираше одреден напредок во оваа сфера. Одредени индикатори покажувале позитивни исчекори, но останале клучните проблеми – немањето конечна судска разрешница за некои од случаите кои ги отвори веќе згаснатото СЈО.
Она клучното што е повторно ќе кажам, отсуствуваат оние практични и видливи резултати кои граѓаните би ги интересирале најмногу по однос на завршница на високо профилираните случаи кои се иницирани од јавните обвинителства – рече Дарко Аврамовски, Коалиција сите за правично судење.
Европската комисија преку документот порача дека се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на планот и стратегијата за реформи во судството. Унијата порача дека важен елемент е што за дел од случаите за кои Специјалното обвинителство поднесе обвиненија, напредуваат и се утврди одговорност. Го посочија случајот со децениското нелегално прислушување. За ЕУ, добар индикатор е што дел од случаите стигнале до правосилна одлука, а редовното и Обвинителството за организиран криминал продолжиле да ги истражуваат случаите кои веќе ги отвори расформираното СЈО. Европската комисија забележува дека е потребно и подобро спроведување на законот во одредени сфери на злоупотреби – перење пари и финансиски криминал. Во извештајот посочен е случајот „Рекет“ каде веќе правосилно е осудена поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева.
Бојан Стојановски