Експлозија во Зубин Поток оштети канал за вода, Курти ја обвини Србија
Експлозија во Зубин Поток оштети канал за вода, Курти ја обвини Србија

Експлозија што се случи вечерта на 29 ноември во Зубин Поток на северот на Косово го оштети каналот за вода на јавното препријатие за вода „Ибер-Лепенци“.
Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија дека стои зад експлозијата, а нападот го осудија претставниците на западните земји во Приштина, како и Српска листа, најголемата партија на Србите на Косово поддржана од властите во Србија.
Курти рече дека станува збор за „криминален напад од терористи“, кои, како што рече, планирале да оштетат важна инфраструктура.
Тој ги повика граѓаните да останат смирени и да ги следат официјалните соопштенија на институциите кои „се ангажираат за менаџирање на состојбите и санирање на штетите“.
Курти изјави дека поради оштетувањето на каналот Ибар-Лепенац, многу делови на Косово би можеле да останат без струја во утринските часови на 30 ноември, а неколку градови, меѓу кои и дел од Приштина, може да останат без вода.
Нема жртви во експлозијата во селото Вараге на територијата на општина Зубин Поток.
Министерот за внатрешни работи Џелал Свечла, кој излезе на местото на настанот, изјави дека пред 19 часот се слушнала експлозија и дека е оштетен дел од Ибер-Лепенци, кој се смета за критична инфраструктура.
Свечла рече дека се мобилизирани институциите за да се санираат штетите и граѓаните да не трпат последици.
„Императивна должност на безбедносните институции е да ги истражат терористите кои го извршија овој терористички чин и да ги изведат пред лицето на правдата“, нагласи тој./RSE